Повик за поднесување на апликации за проекти и научни трудови

Универзитетското студентско собрание во соработка со комисијата за наука при УСС и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, отворија јавен повик за поднесување апликации за научни трудови и проекти наменет само за студентите на УКИМ. Повикот ќе биде отворен до 3 декември, а апликацијата треба да ги содржи следните елементи: накратко образложена идеја за што ќе се работи во трудот/проектот, целите, плниран период за изработка, буџет и потпис од ментор/професор. Апликациите се испраќаат на следниот меил: studentsko.sobranie@ukim.edu.mk.

Истите ќе бидат разгледувани од страна на комисијата за наука при УКИМ и УСС, каде потоа ќе бидат објавени оние на кои ќе им бидат прифатени проектите и научните трудови. Избраните научни трудови ќе бидат целосно финансирани, а избраните проекти ќе бидат ко-финансирани од УСС. Во текот на летниот семестар, ќе биде организирана и конференција на која ќе можат да бидат презентирани научните трудови и проекти.

-Овој повик е наменет за сите, а тековно ќе бидат објавувани повици за поднесување апликации на конкретни теми. Исто така, она за кое ќе пробаме да се избориме оваа година е научните трудови и проекти да бидат презентирани и објавувани на меѓународни конференции, со цел и мотивот кај студентите да биде уште поголем за пишување и креирање на истите. Како УСС, веруваме дека ќе бидеме иницијалната точка која ќе биде двигател и стимул да што повеќе се даде внимание на научно-истражувачката дејност, која е во директна корелација со растот на квалитетот на образованието, со крајна цел подобро место на листата на најдобри факултети во светот. Се надеваме дека оваа иницијатива во иднина ќе биде и причина МОН да одлучи да издвојува повеќе средства за научно-истражувачката дејност – вели Славчо Темелковски, претседател на УСС.