ИСТОРИЈАТ НА МЕДИЦИНСКИОТ ФАКУЛТЕТ
Уште во 1944 година, во Манастирот Св. Прохор Пчински, Президиумот на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, носи решение со кое “Здравствената заштита ја прогласува за државна служба, болниците и амбулантите за државни установи, а здравствените работници за државни чиновници. Лекувањето е бесплатно. Приватните лекари се мобилизираат во државна служба, а надвор од работното време имаат право на приватна практика со утврдена цена”.
30 август 1946 година
Владата на Народна Република Македонија-Министерство за народно здравје, доставува меморандум до Владата на ФНР Југославија-Комитет за заштита на народно здравје.
“Решението на Комитетот за отварање на Медицински факултет во Скопје, усвоено на Пленарната седница од 22.05.1946 година, да се спроведе. Постојат основи и можности за формирање на клинички болници и институти за работа на факултетот”.
26 септември 1946 година
Владата на ФНР Југославија-Комитет за заштита на народното здравје донеува одлука.
Заради согледување на можностите за основање на Медицински факултет во Скопје се одредува комисија во состав: Д-р Никола Николиќ, Влада на ФНР Југославија Комитет за заштита на народното здравје. Немања Маѓаревиќ, Влада на ФНР Југославија-Комитет за школи и наука. Проф.д-р Александар Ѓорѓевиќ, Медицински факултет Белград. Проф.д-р Божо Лавриќ, Медицински факултет Љубљана. Проф.д-р Анте Премеру, Медицински факултет Загреб. Проф.д-р Милоје Видаковиќ, Медицински факултет Белград, Доц.д-р Александар Сабовљев, Медицински факултет Белград. Димче Левков, помошник на министерот за просвета во Владата на Н.Р Македонија. Д-р Ѓорѓи Гаврилски, помошник на министерот за народно здравје со Владата на Н.Р Македонија.
23 октомври 1946 година
Комисијата за согледување на можностите за основање на Медицинскиот факултет во Скопје утврдува заклучоци:
1. “Основањето на Медицинскиот факултет во Скопје е медицинска нужност”. Причини: Бројот на лекарите во Н.Р Македонија е мал. Факултетот во Загреб, Белград и Љубљана не се во можност да обезбедат доволен лекарски кадар. Во Н.Р Македонија има специфична патологија, која правилно ќе може да се решава само со отварање на Медицински факултет во Скопје.
2. “Земската” болница во Скопје времено може да ги задоволи потребите за клиничка настава. За теоретска настава и вежби да се обезбедат услови во Хигиенскиот завод, Училиштето за медицински сестри и бараките во нивна близина.
3. Комитетот за заштита на народното здравје, Комитетот за школи и наука, Факултетите во Загреб, Белград и Љубљана и Министерството за народно здравје на Н.Р Македонија, да се ангажираат во рамките на своите можности, да обезбедат помош во наставен кадар, стручна литература, лабораториски материјали и опрема.
4. Јадрото од наставен кадар да биде сочинето од лекари македонци па макар и со најскромни квалификации за наставна работа.
5. Наставата за прва, втора, а по можност и за трета година може да почне на 1 септември 1947 година, до колку до 1 септември 1947 година се изберат наставници и се подготват простории за предавања и вежби.
6. За матичари на Медицинскиот факултет во Скопје да се именуваат: Проф.д-р Милоје Видаковиќ, Медицински факултет Белград. Проф.д-р Анте Премеру, Медицински факултет Загреб. Проф.д-р Јанез Милчински, Медицински факултет Љубљана, Проф.д-р Александар Сабовљев, Медицински факултет Сараево, Д-р Ѓорѓи Гаврилски, Влада на Н.Р Македонија и Димче Левков, Влада на Н.Р Македонија”.
18 февруари 1947 година
Матичарите на Медицинскиот факултет во Скопје, до Владата на ФНР Југославија-Комитет за школи и наука доставуваат предлог.
“Решенија за изведување на настава на Медицинскиот факултет во Скопје се утврдени. Потребно е да се формира посебна стручна комисија за испитување на можностите за изградба на нов комплетен Медицински факултет на просторот над и јужно од постојните објекти на Земската болница.
За членови на Факултетскиот совет на Медицинскиот факултет во Скопје да се изберат:
За редовни професори: Д-р Боздов Стерјо-Хигиена, Д-р Видаковиќ Милоје-Физиологија, Д-р Крмпотиќ Марио-Интерна, Д-р Јузбашиќ Димитрије-Хирургија, Д-р Никетиќ Божидар-Психијатрија.
За вонредни професори: Д-р Спиров Борис-Интерна, Д-р Муратовски Глигор-Фтизиологија, Д-р Хермершмит Ернест-Дерматовенерологија.
За доценти: Инг. Рајферт Радивој-Хемија, Д-р Мелконијан Лео- Анатомија, Д-р Крижан Зденко-Анатомија, Д-р Станацковиќ Димитрије-Фармакологија, Д-р Караѓозов Панче-Хирургија, Д-р Кнежевиќ Мирко-Патологија, Д-р Манчев Харалампије-Педијатрија, Д-р Вернер Ружа-Хистологија.
За хонорарни наставници: Д-р Здравев Петре-Оториноларингологија, Д-р Живковиќ Михаило-Физика, Витанов Борис-Биологија.
Првата седница на факултетскиот совет да се одржи на 6 Март 1947 година. За продекан на Медицинскиот факултет во Скопје да се именува Д-р Милоје Видаковиќ.
20 февруари 1947 година
Владата на Народна Република Македонија донесува Указ.
“Се основа Медицински факултет во Скопје”.
За наставници на Медицинскиот факултет во Скопје се именуваат наставниците предложени од Матичарите на Медицинскиот факултет во Скопје.
За В.Д. Декан на Факултетот се именува Проф.д-р Стерјо Боздов, а за продекан Проф.д-р Милоје Видаковиќ.
17 март 1947 година
Во просториите на “Земската болница” се одржува првата седница на Првиот Наставнички совет (според записникот, Професорскиот совет) на Медицинскиот факултет во Скопје.
Присуствуваат: Матичарите, Министерот за здравје на НР Македонија, Министерот за просвета на НР Македонија, Деканот на Филозофскиот факултет во Скопје, други званичници, поканети и непоканети гости.
Проф. д-р Стерјо Боздов, првиот декан на Медицинскиот факултет во Скопје, ги поздравува присутните и ја изразува својата увереност дека на 1 октомври Факултетот ќе може да започне со предавање за И, ИИ, ИИИ, ИВ и В семестар.
Ги брои клиниките на Медицинскиот факултет формирани од одделенијата за “Земската болница”, Хируршка 160 кревети, Интерна 110, Детска 60, Гинеколошка 50, за Туберкулоза 60, Очна и Ушна по 35, Душевната 38, Кожно венеричната 27.
Објаснува дека “за институтите: бактериологија, општа и патолошка анатомија, се обезбедени простории во бактериолошкиот институт; за анатомија и хистологија се резервирани бараките во кругот на Земската болница, а за судска медицина, фтизиологија и фармакологија, објектот веќе се гради. И сето ова ‘со скромност на човек кој ги знае можностите а го исполнува желбата, потенцира, “додека следните пет години не ни се изгради на Водно целиот Медицински факултет”.
Утредента, (18 март 1947 година) и јавноста е информирана. “Нова Македонија” и “Политика” ќе објават текст: “Во Скопје се отвори Медицински факултет. Предавањата ќе почнат на 1 септември оваа година”.
Подоцна, Проф.д-р Стерјо Боздов ќе изјави: “Ми беше јасно со какви тешкотии ќе треба да се соочиме само со создавањето на материјалната база. Кога во разговор со членовите на матичната комисија прашав: дали сериозно мислеле дека монтажните бараки ќе можат да послужат за теоретски институти насмевнувајќи се доборнамерно, одговорија: македонскиот народ има слобода и потреба од лекари. Тешкотиите ќе треба да се совладаат. Никогаш не ме опфатил поголем ентузијазам. Во тие денови како да ја почуствував реалната вредност на слободата на еден народ. Започнува изградба на една од културните вредности на овој народ”.
На наредните седници Наставничкиот совет ги донесе наставните програми, а поради недостиг на наставен кадар, одлучено е малубројниот наставен кадар (9 наставници и 3 асистенти) да “покрива” и по неколку наставни предмети. Студиите ќе траат 12 семестри, а теоретски и практично ќе се изучуваат 41 наставен предмет.
Се формираа и првите институти: за Анатомија, Хистологија, Хемија со биологија, Патологија и Фармакологија.
Буџетските средства определени за Земската болница се пренасочија за Медицинскиот факултет. На објектот “Медицински факултет” забрзано се работи. Во доброволните бригади учествуваа и студенти на Медицинскиот факултет.
3 ноември 1947 година
Пријатен, сончев, есенски ден Девет часот. Во паркот пред бараките изградени по Првата светска војна, 150 млади луѓе дојдени од цела Македонија, дел од нив од Пиринска Македонија и извесен број од другите републики на тогашна ФНР Југославија, беа во едно несекојдневно очекување. Првата генерација на новоформираниот Медицински факултет во Скопје го очекуваше својот прв академски час. “Предавалната мала и неуредна, повеќе личеше на училница од основно училиште, но беше преполна”, ќе запише во своите сеќавања Прим. Д-р Михаил Шумковски, студент на првата генерација студенти на Медицинскиот факултет во Скопје.
И се одржа првото предавање. А потоа, предавања, вежби до првиот испит и натаму се’ до последниот испит. До доктор по медицина.
По шест години од првиот час, поточно на 30.12.1953 година во Македонскиот народен театар се одржа првата промоција на шест дипломирани студенти на Медицинскиот факултет.
На Медицинскиот факултет прв докторирал проф. д-р Радован Перчинковски на 17.05.1958 година, а прва магистрирала проф. д-р Катица Зафировска на 18.11.1976 година.