Совети како да си го олесните учењето

  1. ПЛАНИРАМ

Исклучително е важно да го планирате своето време. Затоа правете план за целата недела. Учењето поместете го секогаш во истите делови од денот. Тоа ќе ви помогне да создадете работна навика и контрола над сработеното.

Во дневниот план точно определете време кога и што ќе учите. Но одредете кога и со што ќе се забавувате. Внимавајте, не е лошо и кратко да преспиете еднаш во денот.

Планирајте си интервали од по 45 – 60 минути, а меѓу нив кратка пауза во која ќе се одморате а нема да превземате друг тип ментална активност.

  • КАКО ДА ГО ЧИТАМ МАТЕРИЈАЛОТ

Не чекајте инспирација за учење. Учењето започнете го одма. Бидете упорни и не дозволувајте ништо да ве обесхрабри. Најлесно е да се откажеш – но ти нема да го направиш тоа!

1. Прво прегледајте го целото поглавје што треба да го учите. Прочитајте го воведното поглавје, насловите и поднасловите и заклучоците на крајот. Прегледајте ги и сликите, дијаграмите, графикони, табелите и фуснотите ако ги има. Сето тоа ќе ви одземе најмногу еден саат. Тоа не е изгубено време. На овој начин ќе стекнете увид во суштината и главните делови на поглавјето. Тоа ќе ви помогне да го поделите на помали делови, полесно да се вклучите во учењето и да ја остварите зададената задача.

2. Поставете прашања. Како? Со претварање на секој наслов и поднаслов во прашање. Насловот „Градбени компоненти на сврзното ткиво“ претворете го во: „Од кои компоненти е градено сврзното ткиво“?. Со поставување прашање пред да почнете да учите, добивате увид за што ќе се зборува и кои се главните делови на текстот.

3. Сега читајте го текстот во кој се содржи одговорот на прашањето што е поставено. Имајте го на ум прашањето кое сте го поставиле и барајте го одговорот. Тоа ќе ве усмери и натера да ја откриете главната идеја во текстот и да увидите што во текстот е најважно.  

4. Означувајте и подвлекувајте. Прво прочитајте го еднаш пасусот до крај. Потоа пак вратете се на него и дури тогаш подвлечете ги само зборовите (не реченица) кои даваат одговор на прашањето што го поставивте. Подвлекување на се и сешто доведува до збрка и конфузија. Предноста на подвлекувањето само на она што е важно за добивање на одговорот е во тоа што ја смалувате количината на текстот  кој ќе треба да го повторите и запомните.

5. Сега со свои зборови раскажете го пасусот. Како? Видете кое прашање се наоѓа на местото од насловот.  Пронајдете каде во текстот на пасусот лежи одговорот (подвлечено) и со свои зборови јасно одговорете на прашањето. Ако сте разбрале, ќе знаете и да образложите зошто давате таков одговор. Тој процес ќе ви потврди дека сте разбрале и тоа сознание и подоцна ќе умеете да го употребувате. Со повторувањето ќе видите дали навистина разбравте што  прочитавтее.

– Продолжете со истиот редослед низ секој пасус, низ целото поглавје –

  • КАКО ДА ОБЕЛЕЖУВАМ ШТО Е ВАЖНО

Во претходно споменатата четврта фаза од читањето (препрочитување на пасусот) го барате одговорот на прашањето. Прочитајте до крај па донесете одлука кои зборови се најважни и  подвлечете ги! Не подвекувајте цели реченици; не боете цели редови; не го маркирајте текстот со многу различни бои – сето тоа ќе направи хаос!

  • КАКО ДА ПРАВАМ СОПСТВЕНИ БЕЛЕШКИ

Откако е завршена една целина од материјалот, многумина практикуваат да направат белешки на лист. Белешките (концептот) треба да претставува скелет на лекцијата и ќе послужи за повторување. Белешките уште ги нарекуваме „концепт“ или „мапа на наученото“.

Внимавајте! Правењето белешки не е препишување на делови од лекцијата!!

На листот ставете го само она што е битно во материјалот а не поединости. Издвоите што е важно и што има смисол за разбирање на текстот. Многу е важно белешките да се кратки и јасни.

Запишаните термини подредете ги логично. Ако треба поврзете ги со стрелки нештата кои меѓусебе се зависни. Наместо објаснувања нацртајте скица или друг визуелен приказ со кој се илустрира материјалот. Сликите остануваат во сеќавање. Развивајте ја таа вештина.

Целта на белешките е да направите 1) синтеза, 2) логично поврзување и 3) редослед на битните информации. Тоа е ваше дело – разбирлива целина која ќе можете да ја запамтите.

Процесот на правење и организирање на средени белешки (концепти за повторување) ќе ви помигне активно да сте вклучени во она што сакате да го научите!

  • ЌЕ СЕ СТАВАМ ВО УЛОГА НА НАСТАВНИК – ЌЕ СРОЧАМ ПРАШАЊА

Најдобро е учењето да заврши со формулирање на прашања кои се однесуваат на сите битни елементи од материјалот.

Во прашањата запазете го редоследот по кој е образложена лекцијата.

Не поставувајте прашање на кое се одговара со „ДА“ или „НЕ“.

Поставете прашање со кое ќе поттикнете прашаниот да наведе одреден битен факт и истиот да образложи зошто е таков. Добото прашање секогаш изнудува јасен концизен одговор по кој следи образложение зошто е тоа така! 

Ако не успевате да извлечете прашања од поминатиот материјал, изгледа не сте биле доволно сконцентрирани при учењето. Тогаш треба да се вратите назад на направените белешки (својот концепт) и уште еднаш да ги разгледате, да ја утврдите поврзаноста и логичноста.

6. КАКО ДА СЕ ХРАБРАМ

Постигнете успех на самиот почеток – ништо не мотивира толку, колку сопствениот успех. Како? Поделете го учењето на мали делови и материјалот неме да ви изгледа ниту огромен, ниту застрашувачки, ниту досаден. Кога ќе завршите еден дел, ќе почувствувате задоволство заради постигнатиот успех и сопствениот напредок. Тоа делува позитивно и охрабрувачки. Тоа дополнително ќе ве мотивира  да продолжите со наредниот дел. Ќе приметите промена во расположението и чувство на поголема самодоверба.

Нека не ве плашат грешките што попатно ги правите. Не греши само оној кој не напредува и не сака да се развива. Успехот е резултат на добро планирање, посветеност на работата и учење од направените грешки.

За себе кажи дека си упорен! Повторувај си го тоа. Една стара изрека вели: Што и да е тоа во што веруваш, ако вистински веруваш – со сето свое срце, ќе постане твоја стварност“

И потсетувајте се на реченицата на Винстон Черчил: „Никогаш немој да се предадеш, никогаш, никогаш не се откажувај!“

Слушајте се со колегите. Разменете мислења – но никогаш не зборувајте негативно.

И наградете се за секој успех што сте го постигнале тој ден. Наградата создава позитивни асоцијации. А најголемата награда е што се гордеете со себе!

Од Катедрата за хистологија и ембриологија,

Проф д-р Лилјана Миленкова